Високи руски и американски функционери разговарале за привлекување американски инвеститор во гасоводите „Северен тек“, што испорачуваа гас во Германија пред Русија да ја нападне Украина, изјавија за „Ројтерс“ пет лица запознати со ситуацијата. Во разговорите учествувале советникот на Кремљ, Кирил Дмитриев и Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, кажаа изворите.
Кушнер смета дека водењето бизнис е клучно за враќање на мирот. Таквиот договор би им овозможил на американските инвеститори да профитираат од енергетските текови кон Европа откако ќе заврши војната.
Дмитриев и Кушнер се состанале во Москва и Њујорк во последните недели, при што темата бил и „Северен тек“, изјавија два извора.
„Секој договор со Русија ќе мора да биде договорен со американската Меѓународна финансиска корпорација за развој и министерството за финансии и мора да биде од корист за американските даночни обврзници и компании“, рече функционер од Белата куќа, кога беше прашан за дискусиите за гасоводот.
Дмитриев, кој се залага за обновување на продажбата на руски гас во Германија, минатиот месец се сретнал со претставници на американските министерства за енергетика и финансии за да разговараат за потенцијални енергетски иницијативи помеѓу САД и Русија.
Американски функционер рече дека со оглед на пречките, договор е малку веројатен во скоро време. Гасоводите „Северен тек“ се санкционирани од САД и ЕУ, што го прави секое нивно рестартирање нелегално. Трамп би можел да ги откаже или ублажи санкциите за Русија, но ако демократите ја преземат контролата врз Конгресот по меѓуизборите следниот месец, ова би станало потешко.
Германија и другите европски земји силно се противат на повторното отворање на „Северен тек“. Портпаролката на германското министерство за економија и енергетика изјави дека „Северен тек“ и рускиот гас се санкционирани во Европа и дека Германија пронашла алтернативи.



