САД И УКРАИНА ГО ПОТПИШАА ДОГОВОРОТ ЗА ПРИРОДНИ РЕСУРСИ, ПРОФИТОТ ЌЕ ГО ДЕЛАТ НА ПОЛА

    САД И УКРАИНА ГО ПОТПИШАА ДОГОВОРОТ ЗА ПРИРОДНИ РЕСУРСИ, ПРОФИТОТ ЌЕ ГО ДЕЛАТ НА ПОЛААмериканскиот министер за финансии Скот Бесент и украинската вицепремиерка Јулија Свириденко го потпишуваат договорот (Фото; Бела куќа)

    САД и Украина конечно го потпишаа договорот за ретки минерали по неколку месеци тензични преговори, што на Американците ќе им даде пристап до украинските енергенси и минерални ресурси. Според него, тие ќе го делат профитот од идната продажба на украинските природни ресурси и ќе се формира инвестициски фонд за реконструкција, што треба да ја помогне економската обнова на Украина по војната со Русија.

    Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека двете страни со ова ја искажаа својата посветеност кон траен мир и просперитет на Украина. Во исто време, Киев го гледа договорот како суштински за пристап до американската воена помош.

    Се верува дека Украина располага со огромни резерви на критични минерали, како графит, титаниум и литиум, кои денес се многу барани.

    Новоформираниот американско-украински Инвестициски фонд за реконструкција ја признава значајната финансиска и материјална поддршка што САД ѝ ја даваат на Украина од почетокот на руската инвазија. Договорот ќе помогне да се отклучат средства за раст на Украина. Ниедна држава и поединец кои ја финансираат или снабдуваат руската воена машинерија нема да имаат корист од обновата на Украина“, соопшти американското министерство за финансии.

    Кремљ досега не го коментираше договорот.

    Новиот фонд ќе привлече глобални инвестиции во нашата земја. Тој ќе вклучи проекти за минерали, нафта и гас, но ресурсите ќе останат сопственост на Украина. Партнерството ќе биде еднакво, на база 50-50“, изјави украинската вицепремиерка Јулија Свириденко, која го потпиша договорот во името на својата земја.

    Таа додаде дека договорот ги обврзува САД да ѝ даваат нова воена помош на Украина, вклучително и противракетни системи.

    Договорот првично требаше да се потпише во февруари, но тоа не се случи поради караницата на Трамп и Зеленски во Белата куќа. Двајцата лидери повторно се сретнаа на погребот на папата Фрањо во Рим, каде што Трамп го притиснал Зеленски да го склучи договорот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира