САД ќе евакуираат дел од персоналот во својата амбасада во Ирак поради зголемените безбедносни ризици во регионот, кажаа од владата на Доналд Трамп.
Не беше појаснето што точно довело до ваква одлука, но на американски функционери им било кажано дека Израел се спрема да го нападне Иран, објави Си-Би-Ес. Во такви околности, Иран би можел да се одмазди напаѓајќи американски бази во Ирак.
Ова следува откако американските преговори за иранската нуклеарна програма дојдоа до застој. Специјалниот американски пратеник за Блиски Исток, Стив Виткоф, ќе се сретне со ирански функционери в недела на четвртата рунда преговори.
„Врз основа на нашата последна анализа решивме да ја намалиме нашата мисија во Ирак“, изјавија од Стејт департментот.
Гостувајќи во центарот „Кенеди“ вчера, Трамп им рекол на новинарите дека американските граѓани се советуваат да го напуштат регионот „зашто би можел да стане опасно место“.
„САД не сакаат Иран да развие нуклеарно оружје. Нема да го дозволиме тоа. Иако се надевам дека ќе постигнеме договор, сѐ помалку сум уверен дека Иран ќе престане да збогатува ураниум“, кажа Трамп.
Оваа недела, тој имал 40-минутен телефонски разговор со Бенјамин Нетанјаху, за кој кажа дека бил тензичен. Нетанјаху долго време се залага за воен, место дипломатски пристап кон Иран.
Иранскиот министер за надворешни работи Азиз Насирзадех се закани дека Иран ќе се одмазди врз американските бази во регионот ако преговорите пропаднат и Трамп нареди воени удари врз Иран. Техеран постојано тврди дека збогатува ураниум за цивилни енергетски цели и не се обидува да создаде атомска бомба.