САД и натаму ќе останат посветени кон мировните напори во Украина, но планираат да ја намалат својата улога како посредник, објави Стејт департмент.
„Нема да летаме наоколу низ светот за да посредуваме во разговори. Тоа е сега помеѓу двете страни и време е тие да презентираат и развијат конкретни идеи како да се заврши војната“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.
Оваа објава претставува значаен пресврт во пристапот на Вашингтон и доаѓа по неколку месеци стагнација во дипломатските напори да се склучи договор помеѓу Русија и Украина за крај на војната. Државниот секретар Марко Рубио неодамна предупреди дека САД би можеле да се повлечат од мировните разговори ако наскоро не се постигне напредок.
„Во следните денови ќе видиме дали е тоа можно или не“, кажа Рубио, додавајќи дека Трамп станува фрустриран од недостигот на напредок откако во претседателската кампања тврдеше дека може да ја заврши војната за еден ден.
И американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс вчера призна дека војната во Украина нема да заврши во скоро време. САД одржаа неколку рунди разговори со Русија и Украина откако Трамп се врати во Белата куќа, но без конкретни резултати.