Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува да издаде опсежни ограничувања за влез во САД за граѓани на десетици земји како дел од новата забрана, според извори запознаени со ова прашање и внатрешен меморандум виден од Ројтерс. Меморандумот наведува вкупно 41 земја поделени во три посебни групи. На првата група од 10 земји, меѓу кои и Авганистан, Иран, Сирија, Куба и Северна Кореја, ќе им бидат целосно суспендирани визите.
Во втората група, пет земји – Еритреја, Хаити, Лаос, Мјанмар и Јужен Судан – ќе се соочат со делумни суспензии што ќе влијае на туристичките и студентските визи, како и на другите имигрантски визи, со некои исклучоци. Во третата група, вкупно 26 земји меѓу кои и Белорусија, Пакистан и Туркменистан, ќе бидат разгледани за делумно суспендирање на издавањето визи за САД ако нивните влади „не направат напори да ги решат недостатоците во рок од 60 дена“, се вели во меморандумот.
Американско официјалео лиеце кое зборуваше под услов да остане анонимно, предупреди дека може да има промени на списокот и дека допрва треба да биде одобрен од администрацијата, вклучително и американскиот државен секретар Марко Рубио. „Њујорк тајмс“ прв објави за списокот на земји.
Овој потег се навраќа на забраната од првиот мандат на претседателот Доналд Трамп за граѓани од седум мнозинско муслимански нации, политика што помина низ неколку повторувања пред да биде потврдена од Врховниот суд во 2018.
Трамп издаде извршна наредба на 20 јануари со која се бара засилена безбедносна проверка на сите странци кои бараат прием во САД, заради откривање на закани по националната безбедност. Таа наредба наложи неколку членови на кабинетот до 21 март да поднесат список на земји од кои влезот во САД треба да биде делумно или целосно суспендиран бидејќи нивните „информации за проверка се многу штури“. Директивата на Трамп е дел од акцијата за имиграција што тој ја започна на почетокот на неговиот втор мандат.