Володимир Зеленски изјави дека САД понудиле 15-годишни безбедносни гаранции за Украина, откако вчера се сретна со Доналд Трамп во Флорида.
„Јас побарав од Доналд Трамп да обезбеди безбедносни гаранции од 50 години, но место тоа, нацрт-рамката на мировниот план предвидува гаранции од 15 години. Без безбедносни гаранции, оваа војна не може да заврши“, кажа Зеленски.
Нејасно е во каква форма би биле овие обврски, но Зеленски притиска за гаранции налик на Членот 5 од НАТО, кој предвидува колективен одговор во случај на напад на една од членките.
Трамп и Зеленски кажаа дека направиле прогрес во напорите да се заврши војната во Украина, но „остануваат едно-две спорни прашања“. По разговорите во Мар-а-Лаго, Зеленски изјави дека договориле 90% од мировен план од 20 точки, додека Трамп кажа дека безбедносните гаранции за Украина се договорени 95%.
Зеленски вели дека присуството на странски трупи во Украина е неопходен дел од безбедносните гаранции.
„Верувам дека тоа е вистинска безбедносна гаранција, тоа би било зајакнување на безбедносните гаранции што нашите партнери веќе ни ги нудат“, изјави Зеленски.
Европските лидери претходно овој месец изјавија дека Европа е подготвена да предводи мултинационални сили во Украина, на што Русија жестоко се противи.
Меѓу нерешените прашање е статусот на Донбас. Владимир Путин инсистира на целосно повлекување на украинските трупи од овој регион, додека Трамп предлага негово претворање на демилитаризирана и слободна економска зона.



