Американскиот Стејт департмент ја одбележа втората годишнина од убиството на Борис Немцов, еден од најголемите критичари на рускиот претседател Владимир Путин, и ја повика Русија да се погрижи одговорните за убиството да бидат изведени пред лицето на правдата. Американскиот амбасадор во Русија Џон Тефт го посети мостот „Болшој Москворецки“ за да му оддаде почит на Немцов.
„Иако Борис Немцов го нема, неговиот дух продолжува да живее во младите и стари Руси, кои се обидуваат да изградат подемократско и попросперитетно општество. Уште еднаш ја повикуваме Руската влада да осигура дека одговорните за убиството на Борис Немцов ќе бидат изнесени пред лицето на правдата“, соопшти денеска Стејт департментот.
Немцов беше убиен близу Кремљ и петмина обвинети, вклучувајќи еден полицаец близок до чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, се на судење за убиството на опозиционерот, но многумина веруваат дека нарачателите на убиството нема никогаш да одговараат.