Американскиот министер за транспорт и привремен шеф на НАСА Шон Дафи ги најави плановите за изградба на нуклеарен реактор на Месечината. НАСА веќе разговарала за изградба на реактор на површината на Месечината, но во документите што ги видел сајтот „Политико“ се поставува попрецизен временски рок.
„Целта е да се победи во втората вселенска трка“, изјави висок функционер од НАСА.
Доналд Трамп го назначи Дафи за шеф на НАСА во јули откако ненадејно ја повлече номинацијата на милијардерот Џеред Ајзакмен, кој е соработник на Илон Маск. Дафи, кој е поранешен водител на „Фокс њуз“, понудил и директива за побрза замена на Меѓународната вселенска станица, уште една цел на НАСА. Двата потега би можеле да помогнат во забрзувањето на напорите на САД за стигнување до Месечината и Марс, што исто така е цел на Кина.
Планот изложен од Дафи предвидува 100-киловатен нуклеарен реактор, што треба да почне со работа до 2030 година. НАСА претходно разгледувала опција за реактор од 40 киловати и негово пуштање во употреба во почетокот на следната деценија.
„Првата земја која ќе има реактор би можела да прогласи зона на забрана, што значително би ги попречило САД“, стои во директивата и се изразува загриженост за заедничкиот проект што го започнаа Кина и Русија.
Директивата за вселенските станици има за цел да ја замени застарената Меѓународна вселенска станица со комерцијално управувани. НАСА планира да им додели договор на најмалку две компании и се надева дека нова станица ќе се постави во вселената до 2030.