Американската војска лансираше напади врз Иран шеста ноќ по ред, при што државните медиуми објавија дека биле погодени и цивилни инфраструктурни објекти. Централната команда на САД кажа дека целта на нападите била дополнително деградирање на иранските воени капацитети.
Иранските медиуми објавија дека ноќеска биле нападнати и мостови, железничка станица и аеродром. Доналд Трамп неодамна се закани дека САД ќе ги бомбардираат иранските мостови и електрани ако Иран наскоро не се врати на разговорите.
Седум лица загинале во последните напади, објави државната новинска агенција „ИРНА“, а најмалку 38 откако продолжија борбите со САД.
Иранската револуционерна гарда објави дека возвратила со напади врз радарска станица во Оман и цели во Кувајт и Бахреин, но и дека извршила изненадувачки напад врз локација во источна Сирија близу границата со Јордан, како одговор за убиството на двајца ирански војници пред два дена. Ова е прв познат ирански напад врз Сирија од почетокот на војната.
Додека нападите на САД и Иран ескалираат, Ормускиот Теснец останува ефективно затворен, што влијае врз извозот на нафтата и гасот од Блискиот Исток.
„Треба да бидеме загрижени. И јас сум загрижен, ако ситуацијата не се подобри во следните неколку недели“, рече директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол.



