САД планираат да испратат војска во Саудиска Арабија по неодамнешните воздушни напади на нејзините нафтени погони, кои придонесоа да се намали светското снабдување со нафта. Министерот за одбрана Марк Еспер изјави дека ова распоредување има дефанзивен карактер, не откривајќи ја бројката на војници.
Хутските бунтовници од Јемен, кои се поддржани од Техеран, ја презедоа одговорноста за нападите со дронови и проектили минатиот викенд, но САД и Саудиска Арабија го посочија Иран како виновник.
Истовремено, Доналд Трамп изјави дека ќе има нови санкции кон Иран, но и дека би сакал да избегне воен судир. Тој кажа дека санкциите ќе бидат од највисоко ниво и ќе се фокусираат на иранската централна банка и на независните фондови на земјата.
„Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати побараа наша помош. Американските сили ќе ја засилат одбраната од воздушни и ракетни напади и ќе ја забрзаат доставата на воена опрема за двете држави“, изјави Еспер.
Тој потврди дека воени удари на Иран сега не се опција.