Американскиот државен секретар Марко Рубио повика да се поддржи преодната власт на Сирија, предупредувајќи дека земјата би можела да се распадне во рок од неколку недели и да избие сеопшта граѓанска војна од епски размери. На сослушувањето во Сенатот, Рубио ја бранеше одлуката на Доналд Трамп да ги укине санкциите за Сирија пред да се сретне со претседателот Ахмед ал-Шара, бившиот заповедник на Ал-Каеда кој ја предводеше бунтовничката офанзива која го урна режимот на Башар ал-Асад во декември.
Според Трамп, и други држави сакале да ѝ помогнат на владата на Шара и да испратат помош во земјата, но се плашеле од санкции.
САД ѝ воведоа санкции на Сирија како одговор на злосторствата извршени од провладините сили за време на 13-годишната граѓанска војна и Стејт департментот инсистираше да бидат исполнети неколку услови за нивно укинување, како заштита на верски и етнички малцинства. Иако Шара вети дека ќе го направи тоа, земјата беше погодена од два брана секташко насилство, во кои биле убиени над 1.500 цивили.
Иако Трамп се сретна со него во Катар, САД и натаму го водат Шара како „специјално означен глобален терорист“.
„Лошата вест е дека личности од преодната власт не ја поминале проверката на ФБИ, но ако соработуваме, би можело да успее. Наша проценка е дека, со оглед на предизвиците со кои се соочува, транзициската власт е неколку недели до потенцијален колапс и целосна граѓанска војна од епски размери, што може да доведе до распаѓање на земјата“, кажа Рубио.
Тој не даде детали, но рече дека „сириските малцинства имаат длабока внатрешна недоверба бидејќи Асад намерно ги спротивставил овие групи една против друга“.