Доналд Трамп изјави дека САД ќе ја водат Венецуела некое време откако американската војска денеска ги зароби претседателот Николас Мадуро и првата дама Силија Флорес. Тој одржа прес-конференција во Флорида неколку часа откако беа регистрирани експлозии во Каракас и други делови на земјата, по што беше објавено дека Мадуро е уапсен и ќе му се суди во САД.
„Ќе ја водиме земјата сè додека не направиме безбедна, правилна и разумна транзиција“, рече Трамп.
Запрашан кој механизам ќе го користи за да ја води земјата, тој кажа дека „во моментов назначуваме луѓе и ќе ве известиме кои се“. Откако беше прашан и кој ќе ја води Венецуела, тој покажа со рака кон себе, државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет.
„Во голема мера, одреден период тоа ќе бидат луѓето кои стојат веднаш зад мене“, кажа Трамп.
Четири извори рекле за „Ројтерс“ дека потпретседателката на Венецуела, Делси Родригес, е во Русија, што беше демантирано од Москва, а лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо кажа дека Едмундо Гонсалес Урутија, кој е во егзил во Шпанија, мора веднаш да го преземе својот уставен мандат и да биде признат за заповедник на националните вооружени сили.
„Сите воени и политички личности во Венецуела мора да сфатат дека она што му се случи на Мадуро може да им се случи и на нив. Ако биде потребно, САД ќе изведат втор, многу поголем напад врз Венецуела. Венецуелскиот народ е повторно слободен, а Америка е побезбедна и погорда нација денес. Партнерството со САД ќе ја направи Венецуела богата, независна и безбедна. Венецуелците веќе нема да страдаат. Мадуро беше нелегитимен диктатор одговорен за внесување на огромни количини смртоносни нелегални дроги во САД“, рече Трамп.
Свртувајќи се кон нафтата, Трамп тврди дека нафтениот бизнис во Венецуела доживеал пропаст, иако таа е најголемиот извор на приходи за земјата.
„Големи американски компании ќе влезат во земјата за да ја поправат инфраструктурата и да почнат да заработуваат пари за земјата. САД ќе ги искористат огромните резерви на нафта на Венецуела и ќе продадат големи количини на други земји“, рече тој.
Трамп откри дека во акцијата не загинал ниеден американски војник и не било изгубено ниедно парче воена опрема.
„Ѝ се заблагодарувам на војската за нејзините брзина, моќ, прецизност и компетентност што го одземаат здивот. Венецуелските сили нè чекаа со многу бродови надвор. И покрај тоа што беа во подготвена позиција, тие беа целосно совладани и многу брзо онеспособени“, рече Трамп.



