САД, Русија и Украина првпат се најдоа на исто место, но не и на иста маса, зашто американските преговарачи ќе одржат одделни разговори со двете страни во Ријад. Вашингтон се надева дека ќе успее да договори делумно примирје, по што би следел сеопфатен мировен договор.
„Имам чувство дека Путин сака мир. Мислам дека денеска во Саудиска Арабија ќе видите вистински напредок“, изјави специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф.
Во исто време, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков ги намали очекувањата.
„Ние сме само на почетокот на овој пат“, рече Песков.
Разговорите доаѓаат по еден од најголемите руски напади со дронови врз Киев, во кој загинаа тројца луѓе, вклучувајќи петгодишно девојче.
„Мора да го притиснеме Путин да издаде вистинска наредба за запирање на нападите“, изјави Володимир Зеленски ноќеска, откако рускиот лидер претходно се согласи само со 30-дневен прекин на нападите врз украинската енергетска инфраструктура.
Американската и украинската делегација разговараа уште синоќа зад затворени врати и украинскиот министер за одбрана Рустен Умеров кажа дека разговорите биле многу продуктивни. Белата куќа кажа дека главната цел на разговорите во Ријад е да се постигне примирје во Црното Море за да се овозможи слободен и безбеден проток на бродскиот сообраќај. Русија се надева дека во замена ќе добие олеснување на дел од санкциите.
Советникот за националната безбедност на Белата куќа Мајк Волц изјави дека Русите и Украинците се сместени во ист објект во Ријад.
„Тимовите ќе разговараат и за линијата на контрола меѓу двете земји, чија цел е зачувување на мирот и замрзнување на линиите каде што се наоѓаат. Ќе се разговара и за мерки за градење доверба, вклучувајќи го враќањето на украинските деца земени од Русија“, кажа Волц.