Доналд Трамп изјави дека би сакал да знае што планира Украина да прави со проектилите „томахавк“ пред да ја одобри нивната испорака зашто не сакал да ја ескалира војната во Украина. Володимир Зеленски побара од САД да им продадат проектили со долг дострел на европските земји, кои потоа би ги проследиле во Украина.
Проектилите „томахавк“ имаат дострел од 2.500 километри, што значи дека Украина со нив би можела да ги гаѓа и Москва и најголемиот дел од европска Русија. Владимир Путин изјави викендов дека нивната испорака во Украина би можела да ги уништи руските односи со САД.
Запрашан дали донесол одлука за проектилите „томахавк“, Трамп кажа:
„Не го исклучувам ова и веќе донесов одлука по ова прашање. Но, прво сакам да знам што сакаат да прават со нив. Каде ќе ги лансираат? Сакам да поставам неколку прашања, не сакам да ја засилам војната“.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс неодамна кажа дека САД размислуваат да го исполнат барањето на Украина и да ѝ испратат проектили „томахавк“ преку нивна продажба на европски земји, додавајќи дека конечната одлука ќе ја донесе Трамп. Кит Келог, специјалниот пратеник на САД за Украина, притоа изјави дека Трамп му дозволил на Киев да изведува напади со долг дострел врз Русија.
Украина има развиено проектил со долг дострел наречен „фламенго“, но неговото производство е во рана фаза и не се знае колку ги има.