Инаугурацијата на американскиот претседател е вообичаено домашна работа, но Доналд Трамп ја прекрши оваа традиција откако повика и странски лидери и политичари.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони седеше веднаш до аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и недалеку од кинескиот потпретседател Хан Женг во редот наменет за бившите американски претседатели и шефови на држави и влади. Мелони беше единствениот европски лидер во публиката во салата Ротунда во Капитол, со намера Италија да биде мост меѓу САД и Европска Унија, како што беше нагласено од нејзината партија.
„Многу е важно за една нација како Италија, која има исклучително цврсти односи со Америка, да ја покаже својата желба да ги продолжи и зајакне тие односи во време кога предизвиците се глобални и меѓусебно поврзани“, соопштија од кабинетот на Мелони, која пред две недели го посети Трамп во неговата резиденција во Флорида.
- МЕЛОНИ НЕНАДЕЈНО ГО ПОСЕТИ ТРАМП ВО ФЛОРИДА, ЗАЕДНО ГЛЕДАЛЕ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА КОНЗЕРВАТИВНИТЕ АДВОКАТИ
По инаугурацијата, Мелони порача дека Италија секогаш ќе биде посветена кон зајакнувањето на дијалогот помеѓу САД и Европа.
Пред одењето во Вашингтон, Мелони се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Од Брисел кажаа дека ЕУ ја смета инаугурацијата за церемонија, а не за средба, па немало потреба Мелони да му испраќа посебни пораки на Трамп.
Мелони присуствуваше и на верската церемонија во црква близу Белата куќа заедно со Милеи и Илон Маск.
„Во првиот ред не беше Италија, туку Џорџа Мелони ја донесе Италија во првиот ред“, изјави италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето.