Белоруската изборна комисија им дозволи на седуммина политичари лојални на Александар Лукашенко да почнат да собираат потписи за учество на претседателските избори во јануари, во обид да се создаде привид дека долгогодишниот лидер ќе има конкуренција.
Лукашенко, кој ја води земјата повеќе од 30 години, го бара седмиот мандат откако изведе немилосрдна репресија врз опозицијата и слободните медиуми. Гласањето закажано за 26 јануари доаѓа четири и пол години по претседателските избори по кои избија големи протести во земјата, на што властите одговорија со апсење на 65.000 луѓе.
Главните опозициски личности завршија во затвор или избегаа од земјата. Активистите за граѓански права велат дека во Белорусија има околу 1.300 политички затвореници, при што многумина немаат контакт со семејствата и соодветна медицинска грижа.
За да влезат во трката, кандидатите мора да соберат најмалку 100.000 потписи до 6 декември.
„Тоа се алтернативни кандидати и верувам дека само сакаат да го заштитат својот претседател“, кажа Лукашенко.
Минатата недела, изборната комисија одби да регистрира иницијативни групи за двајца опозициски политичари кои сакале да се кандидираат.