Пет тунели што навлегуваат во група планини, голема потпорна структура и широк безбедносен периметар, тоа е сѐ што може да се види од мистериозниот ирански погон за збогатување ураниум Фордо на неодамнешните сателитски снимки.
Тајниот, силно чуван комплекс изграден во близина на светиот град Ком поттикнува шпекулации за неговата вистинска природа и големина откако првпат се дозна за него во 2009. Дел од она што се знае за него доаѓа од ирански документи украдени од израелската разузнавачка служба пред неколку години.
Се смета дека главните сали на Фордо се наоѓаат 80-90 метри под земјата, безбедни од каков било проектил за кој се знае дека го поседува Израел, што го прави уништувањето на објектот од воздух речиси невозможна задача.
Некои аналитичари сметаат дека Иран токму во Фордо ги претвора своите залихи на збогатен ураниум во атомска бомба. Израел ја напаѓаше постројката во изминатите денови, без да успее значајно да ја оштети.
Техеран долго време тврдеше дека целите на неговата нуклеарна програма се мирни, но Фордо е во срцето на загриженоста за амбициите на Иран.
„Големината и конфигурацијата на овој објект се неспоиви со мирна програма“, рече американскиот претседател Барак Обама во 2009 година, кога заедно со тогашниот француски претседател Никола Саркози и британскиот премиер Гордон Браун му го открија постоењето на Фордо на светот.
САД и сојузниците немаат обезбедно многу детали кога почнала изградбата на Фордо, но јавно достапните стари сателитски снимки покажуваат дека работите почнале уште во 2004, а можеби и во 2002.
Во 2009 веќе била изградена голема надворешна потпорна структура и во тек биле ископувања за она што експертите го сметаат за вентилационо вратило, клучно за да се овозможи циркулација на воздух во објектот. Тоа вратило подоцна било сокриено и камуфлирано, покажуваат понови снимки.
Техеран ѝ објасни на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) во 2009 дека одлуката за изградба на подземен објект е резултат на закани од воени напади врз Иран, додавајќи дека Фордо ќе служи како испомош за блиската постројка Натанз во вонредни ситуации. Иран рекол дека во објектот може да се сместат до 3.000 центрифуги.
Понатамошни детали за објектот беа објавени од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во 2018, откако разузнавачките служби заплениле повеќе од 55.000 документи од она што Израел го нарече „атомска архива“ на Иран. Меѓу документите биле детални планови за Фордо и информации за неговите цели: да произведува ураниум за најмалку едно или две нуклеарни оружја годишно.
Последниот извештај на ИАЕА вели дека во Фордо бил збогатен ураниум до 60% чистота и дека тој сега содржи 2.700 центрифуги.
САД се единствената земја која поседува тип на бомба со која би можел да се погоди Фордо од воздух, изјави израелскиот амбасадор во САД, Јехиел Лајтер, во понеделникот.
„Тоа е одлука што САД мора да ја донесат. Но, тоа не е единствената опција, постојат и други начини за справување со Фордо“, кажа Лајтер.
Уништувањето на Фордо од воздух би било речиси невозможно за Израел, според мартовскиот извештај на британскиот истражувачки центар РУСИ и би барало значителна огнена моќ и помош од САД. Според РУСИ, до него не можат да стигнат ниту масивните американски бомби за пенетрација ГБУ-57, кои допираат до длабочина од околу 60 метри. ГБУ-57 може да се фрли само од „невидливи“ бомбардери „Б-2“ на американските воздухопловни сили, нешто што Израел го нема.
Аналитичарите се согласуваат дека ако САД одлучат да го нападнат Фордо, тоа нема да биде само со една бомба, туку ќе биде потребна серија напади на исто место.