Поранешниот француски претседател Никола Саркози утре почнува да ја служи својата казна откако неодамна беше осуден на пет години затвор за илегална шема на финансирање на својата кампања со пари од Либија. Саркози со тоа ќе стане првиот поранешен шеф на членка на ЕУ и прв повоен француски претседател кој завршил зад решетки.
„Не се плашам од затвор. Одам со крената глава“, изјави Саркози, кој денеска беше примен од Емануел Макрон во Елисејската палата.
На Саркози му е наредено да се појави во затворот „Ла Санте“ во јужниот дел на Париз во вторник наутро. Тој кажа дека побарал да нема никакви привилегии во затворот.
Саркози, кој тврди дека случајот е политички мотивиран, беше обвинет дека ги користел средствата добиени од Моамер Гадафи за да ја финансира својата изборна кампања во 2007. Во замена, Саркози ветил дека ќе му помогне на Гадафи да го подобри угледот на Либија кај западните земји. Тој одработи еден мандат како претседател на Франција, од 2007 до 2012 година.
Саркози изјави дека ќе понесе семејни фотографии и три книги, колку што му е дозволено во првата недела. Се очекува да биде сместен во самица заради негова сопствена безбедност, во индивидуална ќелија од околу девет квадратни метри. Нема да има мобилен телефон, но ќе има мал телевизор. Контролирана телефонска линија ќе му овозможи контакт со неговите адвокати и семејство. Тој кажа за „Ле Фигаро“ дека му било советувано да носи чепови за уши.
„Ноќе слушате многу бучава, викање, врескање“, рече тој.
Не е јасно колку долго Саркози ќе остане во затвор. Тој ќе може да побара прилагодување на казната, што би можело да му овозможи поинаку да ја отслужи, на пример, дома со електронски уред.
„Мојот живот е роман и ова искушение сега е дел од него. Тие сакаа да исчезнам, но ова ќе ме натера да се преродам“, рече Саркози.