Американската компанија „Максар“ објави сателитски снимки од наводни масовни гробници близу Мариупол, што Русија вчера го прогласи за ослободен по речиси два месеца жестоки борби. Локалните власти ја обвинија Русија дека закопува 9.000 цивили за да го прикрие масакрот во уништениот пристаништен град.
Снимките беа објавени откако Владимир Путин им нареди на своите трупи да ја блокираат челичарницата „Азовстал“, каде што се кријат преостанатите украински бранители. „Максар“ вели дека фотографиите покажуваат повеќе од 200 масовни гробници во селото Манхуш, околу 20 километри западно од Мариупол, каде што од крајот на март почнало проширувањето на локалните гробишта. На снимките се гледаат четири секции со праволиниски редови долги 85 метри.
Градоначалникот Вадим Бојченко вели дека десетици илјади цивили можеби загинале во опсадата на Мариупол.
„Русија се обидува да ги прикрие своите воени злосторства така што ги изнесува телата на цивилите од градот и ги закопува во Манхуш. Во гробниците може да има и до 9.000 лешеви. Телата се превезуваат со ѓубреџиски камиони и едноставно се истовараат во дупките“, кажа Бојченко и ги спореди активностите на руската војска со нацистичките масакри на речиси 34.000 украински Евреи во 1941.