Володимир Зеленски изјави дека ќе биде апсурдно ако Украина не добие временска рамка за членството во НАТО и дека неизвесноста по ова прашање ја мотивира Русија да продолжи со својот терор.
„Ги цениме нашите сојузници. Ја цениме и нашата заедничка безбедност. Украина ќе биде претставена на самитот на НАТО во Вилнус и Украина заслужува да биде почитувана. Примаме сигнали дека во Вилнус се дискутира за некои формулации без Украина. Тие формулации се за поканата за членство во НАТО, не за членството на Украина. Се чини дека нема подготвеност ниту за покана на Украина во НАТО, ниту за нејзино членство, што може само да ја мотивира Русија да продолжи со својот терор“, напиша Зеленски на Твитер.
НАТО уште во 2008 се согласи дека Украина ќе стане членка, без да прецизира како и кога би можело да се случи тоа.
„Неизвесноста е слабост и за тоа отворено ќе зборам на самитот“, кажа Зеленски.
Вилнус е домаќин на дводневен самит на НАТО, на кој членките ќе се обидат да ја надминат поделеноста околу идното приклучување на Украина. Генералниот секретар Јенс Столтенберг најави дека Украина ќе добие дополнителни воени и безбедносни гаранции и ќе ѝ биде испратена јасна, обединета и позитивна порака за патот кон членството во НАТО.