Шпанските власти наредија евакуација на неколку помали града во близина на Мадрид, додека шумските пожари во регионот се зголемуваат и добиваат на интензитет. Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка претходно прогласи национална вонредна состојба поради пожарите во соседните региони Мадрид и Авила.
Досега е наредена евакуација на повеќе од 40.000 луѓе, откако трите пожари во градовите Виља дел Прадо и Сан Мартин де Валдеиглесијас се споија во еден голем. Во меѓувреме беше донесена одлука за евакуација на уште две гратчиња западно од Мадрид, каде што ситуацијата е најтешка.
„Изминатите 24 часа беа многу предизвикувачки поради силните ветрови. Ова е можеби најлошиот пожар во историјата на нашиот регион. Тоа е совршена бура од многу високи температури и непрекинати ветрови што не попуштаат“, изјави претседателката на Мадрид, Исабел Дијас Ајусо, додавајќи дека нема потешко повредени.
Министерот Гранде-Марласка рече дека атмосферската ситуација е неповолна, па не можат да бидат оптимисти.



