СÈ ОСВЕН АМЕРИКАНСКА КОНТРОЛА НА ГРЕНЛАНД Е НЕПРИФАТЛИВО, КАЖА ТРАМП ПРЕД СРЕДБАТА ВО ВАШИНГТОН

    СÈ ОСВЕН АМЕРИКАНСКА КОНТРОЛА НА ГРЕНЛАНД Е НЕПРИФАТЛИВО, КАЖА ТРАМП ПРЕД СРЕДБАТА ВО ВАШИНГТОНГренланд и Данска велат дека островот не е на продажба (Фото: АП)

    Доналд Трамп порача дека сѐ освен американска контрола на Гренланд е неприфатливо, огласувајќи се неколку часа пред средбата на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Вашингтон. Медиумите известуваат дека средбата е преселена од Белата куќа во соседната зграда „Ајзенхауер“ како обид да се намалат тензиите.

    На САД им треба Гренланд заради национална безбедност. НАТО треба да ни овозможи да го добиеме. Ако не го добиеме, Кина или Русија ќе го земат, а тоа нема да се случи“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

    Тој додаде дека НАТО не би била така ефективна сила на одвраќање без огромната моќ на САД.

    Тие го знаат тоа. НАТО ќе стане многу посилен и поефикасен со Гренланд во рацете на САД. Сè што е помалку од тоа е неприфатливо“, рече Трамп.

    Гренланд и Данска велат дека островот не е на продажба и дека безбедносните грижи треба да се решат помеѓу сојузниците. Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен ја опиша ситуацијата како геополитичка криза и ја отфрли можноста за присоединување кон САД, велејќи дека избираат да бидат дел од Данска. Нилсен исто така кажа дека поради заканите од Трамп сега не е време да се зборува за можна идна независност на Гренланд.

    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поддржа Гренланд, велејќи дека островот му припаѓа на неговиот народ, додека Франција и Германија предупредија дека ќе има невидени последици ако САД тргнат да го преземат Гренланд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира