Пратеници од бугарските парламентарни партии Преродба и Продолжуваме со промената (ПП) денеска и физички се пресметаа во Народното собрание поради две спротивставени декларации. Од десничарската партија Преродба рекоа дека веќе нема да им дозволуваат на двајца пратеници на ПП, Манол Петков и Јавор Божанков, да зборуваат од собраниската говорница, додека од ПП им одговорија дека тоа е напад на парламентарната република.
Први декларација прочитаа од Преродба, во која ја нападнаа ПП, по што Божанков излезе на говорницата и рече дека само странски интерес е да нема влада во Бугарија. Тоа не им се допадна на пратениците од Преродба, кои станаа од местата и го обиколија Божанков. Станаа и пратеници од ПП, по што настана мешаница околу говорницата со меѓусебно буткање. Еден пратеник заврши со раскрвавена усна, а друг со скршени очила. Претседателот на парламентот Росен Желјазков ја прекина седницата.
Нова бугарска влада ќе формираат ПП и ГЕРБ, кои досега беа жестоки противници.