Второ дете почина од сипаници додека ширењето на вирусот продолжува да расте во западен Тексас. Осумгодишното девојче не било вакцинирано, немало познати здравствени проблеми и било хоспитализирано поради компликации од вирусот, изјави Арон Дејвис, потпретседателот на Универзитетскиот медицински центар во градот Лубок во Тексас.
Министерот за здравство Роберт Кенеди Џуниор, кој беше критикуван за начинот на справување со ширењето, го посети Тексас вчера по веста за третиот смртен случај во изминатите недели. До петокот, во Тексас се регистрирани 480 случаи на сипаници оваа година, што е пораст од 60 случаи во однос на претходната недела. Ширењето ги зафати и соседните сојузни држави.
Низ целата земја, оваа година се регистрирани над 600 случаи на сипаници, додека лани вкупно имало 285. Повеќето од годинашните случаи се поврзани со ширењето што почна во Тексас и речиси сите заразени биле невакцинирани.
Во февруари, од сипаници почина и невакцинирано шестгодишно девојче во Тексас, што беше прв ваков смртен случај во САД во последните десет години.