Украинското министерство за одбрана соопшти дека уште еден руски генерал загинал во Украина, во напад на команден центар во близина на јужниот град Херсон. Генерал-полковникот Јаков Резанцев (48) бил командир на руската 49. комбинирана армија.
Западни извори велат дека Резанцев е седмиот руски генерал кој загинал од почетокот на инвазијата на 24 февруари и втор генерал-полковник, што е највисок чин во руската војска. Во претходен напад на истата база загинал генерал-полковникот Андреј Мордвичев. Русија досега ја потврди смртта на само еден генерал, како и на заменик-командир на црноморската флота.
Херсон беше првиот и засега единствен поголем украински град што го освоија руските сили.
Невообичаено е толку голем број на високи руски офицери да бидат блиску до бојното поле и западните земји веруваат дека тие се обидуваат да го подигнат моралот на своите трупи, нарушен од силниот украински отпор, слабата опременост и големите загуби во сопствените редови. Се верува и дека руските сили доста се служат со отворени системи за комуникација, како мобилни телефони и аналогни радиоуреди, кои лесно се пресретнуваат и ја оддаваат позицијата на високите офицери.