Пет европски држави, Канада и Јапонија излегоа со заедничко соопштение во кое изразија спремност да се придружат на напорите за обезбедување сигурен премин на бродовите низ Ормускиот Теснец. Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Јапонија и Канада притоа не ветија дека ќе испратат воени бродови на Блиски Исток, како што бараше Доналд Трамп.
„Најостро ги осудуваме неодамнешните напади на Иран врз невооружени комерцијални бродови во Заливот, нападите врз цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги и нафтените и гасните инсталации и фактичкото затворање на Ормускиот теснец од страна на иранските сили. Слободата на пловидба е фундаментален принцип на меѓународното право. Ефектите од дејствијата на Иран ќе ги почувствуваат луѓето во сите делови на светот, особено најранливите. Ја изразуваме нашата подготвеност да придонесеме за соодветни напори за обезбедување сигурен премин низ Теснецот“, се вели во нивното соопштение.
Тие исто така рекоа дека ќе преземат мерки за стабилизирање на енергетските пазари во услови кога цените на нафтата и гасот растат поради војната.
Ормускиот Теснец е најважната маршрута за извоз на нафта и гас од Блиски Исток и тука минуваат 20% од светската нафта. Преминот е затворен за најголемиот број бродови од почетокот на американско-израелските напади врз Иран, па Трамп побара од други држави да помогнат во негово обезбедување и повторно отворање. Иран вели дека Теснецот е затворен само за САД, Израел и нивните сојузници.



