Бројот на мртви во насилните протести во Чиле порасна на седум, откако беше запалена текстилна фабрика, при што загинаа петмина.
Војската и полицијата употребија солзавец и водени топови против демонстрантите, а власта воведе полициски час во поголемите градови. Вонредната состојба прогласена во главниот град Сантјаго ќе се прошири и на градови на југот и северот на земјата.
Директна причина за немирите беше поскапувањето на цената на метро превозот, но сега се протестира и против високи животни трошоци и нееднаквост. Банките, училиштата и продавниците се затворени.
Пожарникарите кажаа дека пронашле пет тела во кругот на текстилната фабрика во предградието на Сантјаго, што била запалена при грабеж. Министерот за внатрешни работи Андреас Чедвик потврди дека досега има вкупно седум загинати.
„Се соочуваме со сериозна ескалација која несомнено е организирана за да се предизвика сериозна штета на државата и граѓаните“, изјави Чедвик, додавајќи дека на улиците се распоредени 10.500 полицајци.