Повеќе од десет луѓе и натаму се водат како исчезнати откако вчера се откина дел од глечер на италијанските Алпи, што предизвика лавина од снег, мраз и камења. Во меѓувреме беше пронајдено уште едно тело, со што бројот на загинати порасна на седум.
Деветмина се повредени по лавината од 3.300 метри високата планина Мармолада.
Обвинителот на Тренто, Сандро Раимонди, во прв момент кажа дека контактот е изгубен со 17-мина планинари, за подоцна нивниот број да биде намален на 15. Меѓу загинатите и исчезнатите има Италијанци, Чеси, Романци, Германци, Французи и Австријци. На паркингот во областа се останати 16 автомобили.
Што е причината за откинувањето на врвот на глечерот, кој потоа паѓал низ падината со брзина од 300 километри на час, засега не е познато, но високите температури се веројатен фактор. Тие минатата недела се искачиле до десет Целзиусови степени, иако на врвот на глечерот вообичаено се околу нулата во овој период од годината.
Се проценува дека откинатиот леден блок бил 200 метри широк и 80 метри висок. Глечерот од кој се откина е најголемиот на планинскиот венец Доломити.