Џо Бајден добил голема поддршка од семејството да продолжи со претседателската кампања, и покрај лошиот настап на првата дебата со Доналд Трамп минатата недела, што предизвика паника во редовите на Демократите. Тој се сретнал со семејството во одморалиштето Камп Дејвид вчера, каде што разговарале и за неговата политичка иднина.
Бајден се соочи со голем притисок да се повлече од претседателската трка откако дебатата со Трамп ги извлече на виделина неговите слабости. Иако и неговото семејство било свесно дека лошо поминал на дебатата, тоа сметало дека тој и натаму е најдобриот кандидат да го победи Трамп и дека е способен да одработи уште еден четиригодишен мандат.
Агенцијата АП објави дека Бајден добил најголема поддршка од сопругата Џил и синот Хантер, кој минатиот месец беше осуден за илегално купување оружје. Роднините на Бајден притоа биле критични кон начинот на кој неговите советници го подготвиле за дебатата.
Во деновите по дебатата Бајден ги убедувал донаторите и соработниците дека е способен за кампањата и беше дециден дека нема намера да се повлече.
Нова анкета спроведена од Си-Би-Ес покажа дека 72% регистрирани гласачи веруваат дека 81-годишниот Бајден нема ментални и когнитивни капацитети да служи како претседател. За Доналд Трамп истото го рекле 49% испитаници.
Бајден делуваше збунето и се мачеше со зборови во првиот дел од дебатата, а од неговата кампања потоа појаснија дека имал рапав глас зашто бил настинат.