СЕМЕЈСТВОТО НА ПАВАРОТИ ЈА ОСУДИ УПОТРЕБАТА НА НЕГОВИОТ ГЛАС ВО ВИДЕО НА ЕКСТРЕМНИОТ ДЕСНИЧАР ВАНАЧИ

    СЕМЕЈСТВОТО НА ПАВАРОТИ ЈА ОСУДИ УПОТРЕБАТА НА НЕГОВИОТ ГЛАС ВО ВИДЕО НА ЕКСТРЕМНИОТ ДЕСНИЧАР ВАНАЧИПоранешниот генерал и лидер на екстремно десничарската партија „Футуро национале“, Роберто Ваначи, ја искористил најпознатата песна на Павароти во своето видео. (Фото: ДПА)

    Семејството на покојниот славен италијански  тенор Лучано Павароти ја осуди употребата на неговиот глас во видео објавено од политичар од екстремната десница. Поранешниот генерал и лидер на екстремно десничарската партија „Футуро национале“, Роберто Ваначи, ја искористил најпознатата песна на пејачот во своето видео. Семејството „никогаш не дало дозвола за користење на гласот, името или идентитетот на Лучано Павароти“, пренесоа денеска италијанските медиуми, цитирајќи соопштение од семејството на оперскиот пејач, кој почина во 2007.

    Семејството на Павароти изјави дека „силно се оградува од какво било поврзување на неговата личност со политички пораки, ставови или иницијативи“.

    Ваначи претходно на социјалните мрежи објави видео, очигледно генерирано со вештачка интелигенција, во кое политичарот е опкружен со пиштоли вперени кон него. Се слуша гласот на Павароти како ја изведува аријата „Nessun dorma“ од Џакомо Пучини, нагласувајќи ја познатата фраза „All’alba vincerò“ („На изгрејсонце ќе победам“). Во видеото, Ваначи одговара на критиките и обвинувањата упатени кон него и неговата партија со зборовите „Me ne frego“, што грубо се преведува како „не ми е воопшто грижа“ или „баш ми е гајле“. Тој во видеото ги вклучува и етикетите што му ги припишуваат критичарите, меѓу кои и „ксенофоб“, „хомофоб“, „сексист“ и „тројански коњ на Москва“, и одговара со пораката: „Се гледаме на изгрејсонце“.

    Ваначи стекна популарност меѓу десницата, меѓу другото, и преку изјави против мигрантите и хомосексуалците. Оваа година ја основаше партијата „Футуро национале“ (Национална иднина) и внесува промени на политичката сцена. Неговата остра реторика за миграцијата и безбедноста наидува на добар прием кај гласачкото тело на десничарската коалиција на премиерката Џорџа Мелони. Според неодамнешните анкети, неговата партија ги надмина помалите коалициски партнери „Лега“ (Lega) и „Форца Италија“ (Forza Italia).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира