Северна Кореја ја уништи зградата на канцеларијата за врски со Јужна Кореја, што се наоѓа во пограничниот град Каесонг, објавија јужнокорејските власти.
Ова уследи откако севернокорејската војска предупреди дека е подготвена да влезе во демилитаризираната зона што ги дели двете Кореи, бидејќи јужнокорејските активисти продолжиле да фрлаат пропагандни материјали преку границата. Изминатиот викенд, Ким Јо-џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, изјави дека ѝ наредила на војската да биде подготвена за акција.
„Спремни сме да ја претвориме првата линија на фронтот во тврдина и ја засиливме нашата воена подготвеност“, соопшти армијата.
Тензиите помеѓу двете земји пораснаа во изминатиот период поради летоците што се фрлаат во Северна Кореја, најчесто со помош на балони.
Северна и Јужна Кореја се разделени со таканаречената демилитаризирана зона од крајот на Корејската војна во 1950-ите.
„Мислам дека е крајно време да расчистиме со јужнокорејските власти. Ѓубрето мора да се фрли во канта“, изјави Ким Јо-џонг.
Ова следува откако Пјонгјанг минатата недела ги прекина сите комуникациски канали со јужниот сосед, нарекувајќи го непријател.