Група Руси се првите познати туристи на кои ќе им биде дозволен влез во Северна Кореја откако земјата ги затвори своите граници на почетокот на пандемијата на ковид-19 во 2020, објавија руски провинциски власти. Северна Кореја воведе некои од најстрогите гранични контроли на светот поради ширењето на коронавирусот и сѐ уште целосно не се отворила за странци.
Патувањето, организирано од агенција од Владивосток, било договорено кога гувернерот на рускиот регион Приморски Крај, кој граничи со Северна Кореја, го посетил Пјонгјанг минатиот месец, објави владата на овој регион. Четиридневната посета ќе почне на 9 февруари и ќе вклучи застанувања во Пјонгјанг и во еден зимски центар.
Сајмон Кокерел, генералниот менаџер на туристичката агенција „Корјо турс“ од Пекинг, која не е вклучена во патувањето, изјави дека негови партнери од Северна Кореја го потврдиле доаѓањето на Русите под специјални услови.
„Ова е добар знак, но не значи дека Северна Кореја пошироко ќе се отвори наскоро“, изјави Кокерел.
Туризмот не е погоден од меѓународните санкции за Северна Кореја. Во годината пред пандемијата имало наплив од кинески туристи во земјата, што ѝ донело приходи од 175 милиони долари.