Северна Кореја за првпат потврди дека пребегнатиот американски војник Тревис Кинг се наоѓа во притвор во земјата, објави командата на Обединетите нации, која управува со Демилитаризираната зона меѓу двете Кореи. Дваесет и тригодишниот Кинг доброволно премина од Јужна во Северна Кореја на 18 јули додека бил на цивилна обиколка на зоната и оттогаш немаше никаква информација за неговата судбина.
Командата на ОН, која разговарала телефонски со севернокорејската војска, кажа дека нема да објави други детали од одговорот на Пјонгјанг, со цел да не се меша во напорите за враќање на војникот дома. Сепак, има назнаки дека Пјонгјанг бил подготвен да почне со преговори.
Пред да ја премине границата, Кинг бил два месеца во притвор во Јужна Кореја поради физички напад. Тој се соочувал со дисциплинска постапка и требало да биде спроведен во САД, но место да се качи во авион, избегал од аеродромот во Инчеон и се упатил кон границата, каде што се придружил на цивилна обиколка на Демилитаризираната зона.
Оваа зона е една од најсилно утврдените области на светот и исполнета е со мински полиња, електрична и бодликава жица и со надзорни камери. Вооружени чувари треба да бидат на штрек 24 часа.
Бидејќи САД и Северна Кореја немаат дипломатски односи, шведската амбасада во Пјонгјанг често преговараше во името на САД, но нејзиниот персонал не е во земјата уште од прогласувањето на пандемијата на ковид-19.
Во изминатите години, неколкумина американски државјани кои илегално влегоа во Северна Кореја беа ослободени во рок од шест месеци.