Шефот на израелската војска Херци Халеви објави дека ќе поднесе оставка на 6 март, преземајќи одговорност за огромните безбедносни пропусти при упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023. Халеви, од кого се очекуваше да поднесе оставка набргу по најсмртоносниот ден во израелската историја, кажа дека ќе ја доврши истрагата за упадот и ќе ја зајакне подготвеноста на Израелските одбранбени сили (ИДФ) за идни безбедносни предизвици.
Засега не е познато кој ќе дојде на неговото место.
И покрај гневот на јавноста поради нападот на Хамас, во кој беа убиени 1.200 Израелци, а 250 беа земени како заложници, владата на Нетанјаху се противеше на отворање државна истрага за да се утврди одговорност за безбедносните пропусти.
„Утрото 7 октомври 2023, ИДФ под моја команда потфрли во својата мисија да ги заштити граѓаните на Израел. Земјата поради тоа плати скапа цена во човечки животи и тоа ќе ме прогонува цел живот“, кажа Халеви.
Тој вети дека ќе биде спроведена длабока и транспарентна истрага, чии детали, колку што биде дозволено, ќе бидат споделени со јавноста.
Израелските медиуми објавија дека оставки наскоро ќе поднесат и заповедниците на морнарицата и на воздушните сили.