Насилставата ја обележаа и шестата ноќ од протестите против полициска бруталност во САД, кои уследија по смртта на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд минатиот понеделник во Минеаполис додека бил приведуван од полицијата.
Полициски час беше воведен во речиси 40 градови, но главно не се почитуваше од демонстрантите, што доведе до тензични соочувања со полицијата. Таа се судри со демонстрантите во Лос Анџелес, Чикаго, Њујорк и Филаделфија, при што користеше солзавец и гумени куршуми.
Националната гарда објави дека распоредила 5.000 свои припадници во повеќе од 15 сојузни држави, како и во главниот град Вашингтон, каде што повторно имаше собири пред Белата куќа, но и палежи.
Полицаецот Дерек Човин, кој му нанесе смртоносни повреди на Флојд, денеска првпат треба да се појави во суд под обвинение за убиство.
Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на повеќе од 75 градови, но мирните протести набргу беа засенети од насилствата. Полицијата кажа дека била гаѓана со камења и Молотови коктели во Филаделфија, а продавници биле уништувани и ограбувани во повеќе од 20 градови во Калифорнија.
Возач на камион е уапсен во Минеаполис откако пробил бариера на патот и се обидел да помине низ демонстрантите. Гувернерот на Минесота Тим Валц изјави дека мотивот на возачот е нејасен и додаде дека е спречена голема трагедија.
Илјадници демонстранти предизвикаа хаос на улиците на Њујорк и за момент го затворија мостот Менхетн. Полицијата соопшти дека меѓу уапсените е и 25-годишната ќерка на градоначалникот Бил де Блазио.