Шестмина француски тинејџери се осудени во врска со настаните кои доведоа до грозоморното убиство на нивниот наставник Самуел Пати во 2020, кој беше избоден и обезглавен откако на своите часови покажувал карикатури од пророкот Мухамед. Девојка која во тоа време имаше 13 години е осудена за правење лажни обвинувања, а петмина други, кои имаа 14 и 15 години, се прогласени за виновни за злосторнички заговор со намера да се предизвика насилство.
Пати, кој предаваше историја во училиште во едно париско предградие, беше убиен од 18-годишен доселеник од Чеченија откако на социјалните мрежи се проширија пораки за карикатурите. Пати ги користел на часовите по етика додека предавал за слободата на говорот во Франција.
Девојчето, кое се сметаше за клучно за трагичните настани, доби условна затворска казна од 18 месеци. Таа дала лажна изјава дека Пати ги замолил учениците-муслимани да излезат од училницата пред да ги покаже карикатурите, за подоцна да признае дека тој ден не ни била на школо.
Останатите петмина обвинети тинејџери му рекле на убиецот Абдула Анзоров кој е Пати, при што четворица добија условни казни, а еден е осуден на шест месеци затвор, што ќе може да го отслужи со електронски надзор. Анзоров беше убиен од полицијата на местото на настанот.
Следната година ќе им се суди и на осуммина возрасни кои преку социјалните мрежи повикуваа на мобилизација против наставникот.