Русија го нападна Киев за првпат од 28 септември, набргу откако стана јасно дека нема да има ништо од самитот Трамп-Путин во Будимпешта. Најмалку шест луѓе загинаа во поширокиот киевски регион, вклучувајќи две деца, кажа претседателот Володимир Зеленски.
Остатоци од соборени проектили и дронови предизвикале пожари во половина од градските окрузи, изјави шефот на воената управа на Киев, Тимур Ткаченко.
„Украина одамна се согласи со предлогот на САД за прекин на огнот, додека Москва прави сè да продолжи со убивањето. Ова значи дека колективните акции против Путин во моментов се недоволни и сите мора да направиме повеќе за да го натераме да престане да ги убива нашите луѓе“, рече началникот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.
Мета на денешниот напад била и енергетската инфраструктура низ целата земја, додека во Киев, тревогата за напад со балистички ракети била во сила во поголемиот дел од ноќта. Возрасна двојка загинала во градот откако била погодена станбена висококатница.
„Цела ноќ непријателот ја напаѓаше енергетската инфраструктура на земјата“, изјави министерката за енергетика Свитлана Гринчук, без да открие детали.
Украина, пак, кажа дека извела успешен напад врз хемиска фабрика во рускиот регион Брјанск, користејќи британски проектили „сторм шедоу“.
„Ова беше успешен удар што ја проби руската противвоздушна одбрана. Фабриката во Брјанск произведува барут, експлозиви и компоненти за ракетно гориво“, објави украинската војска.