Кинескиот претседател Шји Џинпинг ги повика лидерите на регионалниот самит во Тијанџин да го искористат својот мега-пазар, додека рускиот претседател Владимир Путин ги поддржа амбициите на Шји за формирање нов глобален безбедносен и економски поредок, што претставува предизвик за САД.
„Шангајската организација за соработка постави модел за нов вид меѓународни односи. Треба да се залагаме за еднаква и уредна мултиполаризација на светот и за инклузивна економска глобализација и да промовираме изградба на поправеден и порамноправен систем на глобално управување. Мора да го искористиме пазарот од мега-размери за да ги олесниме трговијата и инвестициите“, рече Шји во воведниот говор, обраќајќи им се на повеќе од 20 светски лидери на дводневниот самит во северна Кина.
Тој го повика блокот да ја зајакне соработката во областите како што се енергетика, инфраструктура, наука, технологија и вештачка интелигенција.
Путин рече дека групацијата го оживеала вистинскиот мултилатерализам со национални валути, што сѐ повеќе се користат во меѓусебните плаќања.
„Ова ги поставува политичките и социо-економските темели за формирање нов систем на стабилност и безбедност во Евроазија. Овој безбедносен систем, за разлика од евроцентричните и евроатлантските модели, искрено би ги земал предвид интересите на широк спектар на земји, би бил навистина избалансиран и нема да дозволи една земја да ја обезбеди сопствената безбедност на сметка на другите“, кажа Путин.
Шји ги повика партнерите од организацијата да „се спротивстават на менталитетот на Студената војна и блоковската конфронтација“ и да ги поддржат мултилатералните трговски системи.
На самитот присуствуваат и индискиот премиер Нарендра Моди и други лидери од Централна Азија, Блиски Исток, Јужна Азија и Југоисточна Азија. Блокот фокусиран на безбедноста, кој започна како група од шест евроазиски нации, се прошири на 10 постојани членки и 16 земји со статус на набљудувачи во последните години.