Наставата во сите основни и средни училишта во Црна Гора ќе биде онлајн до крајот на неделата, откако Министерството за образование ја прифати препораката на полицијата по зачестените дојави за подметнати бомби.
Училиштата во Црна Гора втор ден по ред се соочуваат со закани за поставени бомби. Нови дојави по електронска пошта денеска стигнале во сите училишта во Бијело Поље, како и во неколку школи во Подгорица, Бар, Котор…
„Со онлајн наставата се обезбедува континуитет на наставата и истовремено се води сметка за безбедноста на учениците и вработените. Апелираме до граѓаните да бидат смирени и да ги почитуваат препораките на полицијата и министерството“, стои во соопштението на министерството за образование.
По вчерашните дојави, наставата беше прекината во сите основни и средни училишта во Подгорица и во едно во Никшиќ.