Шпанија казни пет нискобуџетни авиокомпании со 179 милиони евра за лоши практики, вклучувајќи наплаќање за рачен багаж. „Рајанер“ ја доби најголемата казна од 108 милиони евра, додека „Изиџет“ беше казнет со 29 милиони евра. Казнети се и „Вуелинг“, „Норвиџан“ и „Волотеа“ од страна на шпанското министерство за заштита на потрошувачите.
Министерството вели дека планира да забрани практики како наплаќање екстра за рачен багаж и резервирање седишта за деца.
Казните се најголеми досега изречени од ова министерство и тие следат по истрага за нискобуџетните авиокомпании.
Казните се изречени за нарушување на правата на потрошувачите, како наплаќање за поголем рачен багаж, избор на седиште и наплаќање „непропроционална сума“ за печатење бординг пасови на терминалите.
Секоја казна е пресметана врз основа на „нелегален профит“ заработен од секоја од петте авиокомпании.
Шефот на „Рајанер“ Мајкл О’Лири вели дека казните се нелегални и без основа, додавајќи дека ќе се жали во судовите на ЕУ.
„’Рајанер’ со години ги користи надоместоците за багаж и за чекирање на аеродром за да го промени однесувањето на патниците и ние ги пренесуваме овие заштеди во форма на пониски цени на карти за потрошувачите“, вели тој.
Сепак, шпанските власти ја бранат одлуката за казните, велејќи дека сè е во согласност со шпанските и законите на ЕУ.
„Злоупотреба е да наплаќате 20 евра само за да отпечатите бординг пас на аеродромот. Тоа е нешто што никој не го сака“, вели Андрес Барахан, генерален секретар за права на потрошувачите во министерството.
„Ова е проблем со кој се соочуваат потрошувачите не само во Шпанија, туку и во други земји на ЕУ“, додаде тој.