Шпанскиот премиер Педро Санчес нареди уште 5.000 војници да бидат испратени за да помогнат во справувањето со последиците од катастрофалните поплави неделава, во кои загинаа најмалку 211 лица во регионот Валенсија.
Тој призна дека голем дел од помошта не стигнува до погодените од поплавите и дека е свесен дека јавноста е бесна. Но, Санчес рече дека ќе има време подоцна да се погледне што се згрешило и да се извлечат поуки.
Обраќањето на Санчес се случи откако илјадници волонтери се собраа во Центарот за уметности и науки во Валенсија, каде што е главниот штаб за координација на напорите за расчистување на областите погодени од поплави.
Жители на Валенсија велат дека се чувствуваат напуштени и без надеж.
„Се чувствуваме напуштени, има многу луѓе на кои им е потребна помош“, вели 74-годишната Емилија, сопственичка на дуќан во предградие на Валенсија.
„Не можеме ниту да си ги испереме алиштата, ниту да се истушираме“, додава таа.