Од минатата недела, милиони Швеѓани на домашните адреси почнаа да добиваат примероци од брошура со која се советува населението како да се подготви во случај на војна или други неочекувани кризи. Брошурата „Во случај на воена криза“ беше објавена пред шест години и сега е ажурирана и двојно зголемена зашто шведската влада смета дека безбедносната ситуација е влошена поради руската агресија на Украина.
„Нивото на воена закана е зголемено. Мора да се подготвиме за најлошото сценарио: вооружен напад врз Шведска“, стои на почетокот на памфлетот, кој има 32 страници.
Шведскиот министер за цивилна заштита Карл-Оскар Болин кажа дека глобалниот контекст се променил, па информациите за шведските домаќинства мора да ги одразуваат овие промени.
И Финска неодамна на интернет објави нови упатства за подготовка за инциденти и кризи, додека норвешките граѓани исто така добија памфлет со совети како да се справат сами една недела во случај на екстремни временски услови, војна и други закани.
Книшка за итна цивилна помош не е ништо ново во Шведска. Првото издание на „Ако дојде војна“ беше објавено во Втората светска војна и беше ажурирана за време на Студената војна, но една порака сега е истакната во прв план.
„Ако Шведска биде нападната од друга држава, никогаш нема да се предадеме. Сите информации дека отпорот треба да престане се лажни“, стои во новиот памфлет.
Во памфлетот, шведските граѓани се информираат дека сирените за тревога се огласуваат во интервали од по седум секунди, при што тие мора да одат некаде во затворено. Низ Шведска има 64.000 скривници, во кои можат да се засолнат околу седум милиони луѓе. Тие можат да се пронајдат во станбени и индустриски области и се обележани со посебен знак.
Во домашни услови, граѓаните треба да имаат по најмалку три литри вода на ден, да се опремат со ќебиња, топла облека, вреќи за спиење и свеќи, а за комуникација да имаат радио на батерии, дополнителни батерии и мобилен телефон со полнач за батеријата.
„Потребна ви е храна која заситува, богата со енергија и која може безбедно да се чува на собна температура. Имајте храна што може брзо да се зготви, бара многу малку вода или може да се јаде веднаш. Почнете да складирате за итни случаи со едноставно купување на една или две дополнителни ставки кога правите редовен шопинг. Вие сте одговорни за грижата и благосостојбата и на вашето домашно милениче во случај на криза или војна. Погрижете се да имате залихи дома доволни за најмалку една недела“, стои во памфлетот.
Понатаму се вели дека е пожелно да се има доволно пари во готовина за најмалку една недела, а во поглед на одржување хигиена, дома треба да има резерви на тоалетна хартија, влажни марамици и пластични кеси за фрлање измет.
Граѓаните исто така се советуваат да не подлегнуваат на психолошката војна на непријателот, што вклучува лаги, дезинформации и пропаганда.
Г. КОНЕВ