Шведска денеска и официјално стана 32. членка на НАТО, речиси две години откако аплицираше за прием поттикната од руската инвазија на Украина. Процесот на пристапување беше комплетиран во Вашингтон, каде што шведскиот премиер Улф Кристерсон ги предаде документите на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
„Единството и солидарноста ќе ѝ дадат водечка светлина на Шведска“, изјави Кристерсон.
Апликацијата на Шведска, која по 200 години се откажа од воена неутралност, долго време беше блокирана од Турција и Унгарија, чиј парламент ја одобри дури на крајот на минатиот месец.
„Нашата одбранбена алијанса е сега посилна и поголема од кога било. Имаше мали проблеми на патот, но знаевме дека овој ден ќе дојде“, рече Блинкен.
НАТО не губеше време во интегрирањето на Шведска во своите воени маневри. Оваа недела започна вежбата „Скандинавски одговор“ со учество на 20.000 војници, меѓу кои и од Шведска и Финска, прва во овој регион.