Секој петти Швеѓанец гласал за радикалната антиимиграциска партија Шведски демократи (СД) на парламентарните избори во неделата. Таа сега е втората најголема партија во земјата и со предвидените 73 пратеници треба да биде клучна поддршка на новата владејачка десничарска коалиција.
Тоа би било првпат националистичка партија да има така голема политичка моќ во Шведска.
Агендата на СД доби на значење како никогаш досега откако теми како имиграција и насилен криминал дојдоа во фокусот на предизборната кампања. Ова е пресвртен момент за партијата основана од наци-симпатизери, која со децении беше занемарувана од пошироката јавност.
Според последните резултати, СД освоила 20,5% гласови, најмногу во блокот десничарски партии, кои сега имаат колективно мнозинство во парламентот.
„Ова е драматично, имајќи предвид дека СД првпат влезе во парламентот дури во 2010. Шведска беше навикната на крајно стабилен и предвидлив систем на политички партии. Три избори подоцна, СД е втората најголема партија“, вели Јохан Мартинсон, политиколог од Универзитетот во Гетеборг.
Тој ја опишува СД како антиимиграциска, антимултикултурална националистичка партија, но не и крајнодесничарска.
Основана во 1988, СД повеќе од две децении се мачеше да освои доволно гласови за да влезе во парламентот. Откако ѝ успеа во 2010, оттогаш постојано го зголемуваше својот удел.
Сегашниот лидер Јонас Акесон пред десет години воведе политика на нулта толеранција кон расизмот и екстремизмот, а во 2015 го суспендираше целото младинско крило на партијата поради врските со крајната десница. Иако целосно се ребрендираше, останаа обвинувањата дека таа претставува опасност за шведските малцински групи.