Шведскиот премиер Улф Кристерсон се соочи со критики од јавноста откако призна дека редовно се советувал со вештачка интелигенција (ВИ) додека е на работа. Кристерсон потврди дека користи алатки како ЧетГПТ и ЛеШат, а неговите колеги рекле дека се служел со ВИ во секојдневната работа.
„Често користам ВИ. Ако не за друго, тогаш за второ мислење. Што направиле другите? Дали ние треба да мислиме сосема спротивно? Таков тип на прашања“, кажа Кристерсон.
Технолошките експерти изразија загриженост за употребата на алатки за вештачка интелигенција од страна на политичарите на таков начин, а весникот „Афтонбладет“ го обвини Кристерсон дека „паднал на психозата на вештачката интелигенција“.
Портпаролот на Кристерсон, Том Самуелсон, подоцна изјави дека премиерот не правел ништо ризично при користењето на вештачката интелигенција.
„Секако, таму не завршуваат безбедносно чувствителни информации. Таа се користи повеќе како игралиште“, рече тој.