Син на озлогласениот мексикански нарко бос Хоакин Ел Чапо Гусман е екстрадиран во САД за обвиненија поврзани со шверц на дрога, објави јавниот обвинител на САД, Мерик Гарланд. Овидио Гусман Лопес се сомничи дека заедно со својот брат го водел моќниот картел Синалоа, основан од татко им. Тој е обвинет и дека наредил да се убие пејач кој одбил да пее на неговата свадба.
Гусман беше уапсен во јануари во северната мексиканска сојузна држава Синалоа и оттогаш беше во притвор. Гарланд ѝ се заблагодари на мексиканската влада за помошта Овидио да биде префрлен во САД.
Ова следува само неколку дена откако САД ја пуштија од затвор 33-годишната сопруга на Ел Чапо, Ема Коронел. Ел Чапо служи доживотна казна затвор во Колорадо.
Овидио Гусман, при чие апсење загинаа над 20 луѓе, е едно од четирите деца од првиот брак на Ел Чапо. Најстариот син Едгар беше убиен во 2008.
Синалоа е транснационална криминална организација, која има прошверцано над илјада тони кокаин, марихуана, хероин и метамфетамин во САД.