Синот на легендарниот американски режисер Роб Рајнер и Мишел Сингер е уапсен во врска со нивното убиство. Тие беа пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес и полицијата веднаш почна да го истражува случајот како убиство.
„Триесет и двегодишниот Ник Рајнер е уапсен вчера и обвинет за убиство денеска. Одредена му е кауција од четири милиони долари“, соопшти полицијата на Лос Анџелес.
Сајтот „ТМЗ“ објави дека Рајнер и неговата сопруга имале исеченици што наликуваат на рани од нож. Повеќе извори кажаа дека телата ги нашла нивната ќерка Роми Рајнер.
Ник е второто од трите деца на Роб и Мишел Рајнер, кои беа во брак од 1989 година. Работел како сценарист, при што е најпознат по полуавтобиографскиот филм „Being Charlie“ од 2016, што го режираше татко му. Американските медиуми објавија дека Ник порано се лекувал од зависност од дрога.
Рајнер, кој беше син на великанот на комедијата Карл Рајнер, ја почнал актерската кариера во 1960-тите, прославувајќи се со серијата „Сите во семејството“ од 1970-тите, за која доби две награди Еми. Како режисер дебитираше во 1984 година со комедијата за измислен хеви метал бенд „Ова е Спајнл тап“, што му донесе дополнителен успех во Холивуд. Следеше уште еден култен филм, „Остани со мене“ (1986), драма заснована врз роман на Стивен Кинг, а потоа и „Принцезата невеста“ (1987), „Кога Хари ја сретна Сали“ (1989), „Мизери“ (1990), „Неколкумина добри луѓе“ (1992), „Духовите на Мисисипи“ (1996)…
Единствената номинација за Оскар ја доби во 1993, за најдобар филм за „Неколкумина добри луѓе“.
Мишел Сингер Рајнер своевремено била фотографка, при што ја сними фотографијата на Доналд Трамп од корицата на неговата книга „Трамп: Уметноста на договорот“.



