СИРИСКИТЕ БУНТОВНИЦИ ГИ ОСЛОБОДИЈА ЗАТВОРЕНИЦИТЕ ОД ОЗЛОГЛАСЕНИТЕ ЗАТВОРИ НА АСАД

    СИРИСКИТЕ БУНТОВНИЦИ ГИ ОСЛОБОДИЈА ЗАТВОРЕНИЦИТЕ ОД ОЗЛОГЛАСЕНИТЕ ЗАТВОРИ НА АСАДДесетици илјади затвореници досега се ослободени. (Фото АП)

    Бунтовниците во Сирија, кои за само 10 дена му ставија крај на 50-годишното владеење на семејството Асад, упаднаа во затворите и безбедносните објекти за да ги ослободат политичките затвореници и многу од десетиците илјади луѓе кои исчезнаа од почетокот на конфликтот во 2011.

    Видеата што беа масовно споделени низ социјалните мрежи покажаа десетици затвореници како радосно трчаат откако бунтовниците ги ослободија, некои боси, а други слабо облечени. Еден од нив вреска од радост откако дознал дека владата паднала.

    Затворите во Сирија се познати по суровите услови. Тортурата е систематска, велат групите за човекови права, свиркачите и поранешните затвореници. Пријавени се тајни егзекуции во повеќе од дваесет објекти управувани од сириското разузнавање, како и на други локации. Во 2013, сириски воен дезертер, познат како „Цезар“, прошверцувал над 53.000 фотографии за кои групите за човекови права велат дека покажуваат јасни докази за неконтролирано мачење, но и болести и глад во затворските објекти во Сирија.

    Страшниот безбедносен апарат и затворите во Сирија не служеа само за изолирање на противниците на Асад, туку и за влевање страв кај неговиот народ, рече Лина Хатиб, соработничка на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во лондонскиот тинк-тенк Четам Хаус.

    „Вознемиреноста дека секој може да биде фрлен во еден од озлогласените затвори на Асад создаде голема недоверба кај Сиријците“, рече Хатиб. „Асад ја негуваше оваа култура на страв за да ја задржи контролата и да ја уништи политичката опозиција“.

    Северно од Дамаск во воениот затвор Сајднаја, познат како „кланица на луѓе“, притвореничките, некои со своите деца, врескаа додека мажите ги кршеа бравите од вратите на нивните ќелии. Амнести интернешнал и други групи велат дека десетици луѓе биле тајно егзекутирани секоја недела во Сајднаја, проценувајќи дека меѓу 2011 и 2016 година биле убиени до 13.000 Сиријци.

    „Не плашете се… Башар Асад падна! Зошто се плашиш?“ рече еден од бунтовниците додека се обидуваше да ги натера жените да излезат од нивните мали ќелии.

    Десетици илјади затвореници досега се ослободени, рече Рами Абдурахман од Сириската опсерваторија за човекови права, проопозициски воен мониторинг со седиште во Британија. Во текот на изминатите 10 дена, бунтовниците ослободија затвореници во градовите како Алеп, Хомс, Хама, како и во Дамаск.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира