Десетици следбеници на движењето Кјуенон се собрале во Далас оваа недела откако почнала да кружи теорија дека Џон Кенеди Џуниор, кој е мртов повеќе од 20 години, ќе се појави и ќе објави дека Доналд Трамп повторно ќе биде поставен за претседател на САД.
Кенеди, синот на бившиот претседател Џон Кенеди, загина во авионска несреќа во 1999 на 38 години, но некои следбеници на мистериозната онлајн теорија на заговор веруваат дека тој не е мртов и дека ќе се врати како потпретседател на Трамп.
На интернет кружеле различни теории, при што во некои постови било наведено дека Трамп повторно ќе стане претседател, по што ќе се повлече и ќе биде заменет со Џон Кенеди Џуниор, кој пак ќе го именува бившиот советник на национална безбедност Мајкл Флин за потпретседател.
Следбеници на Кјуенон се собрале во понеделникот вечер во Далас, пред да се упатат кон Дили Плаза, очекувајќи Кенеди да се појави на местото каде што беше убиен неговиот татко во 1963 година.
Движењето Кјуенон се појави во 2017 откако анонимен поединец или група познат како Кју почна да објавува нејасни предвидувања на интернет форумот „4чан“, тврдејќи дека е човек од администрацијата на Трамп. Приврзаниците на Кјуенон имаа значајна улога во упадот во американскиот Конгрес на 6 јануари.