Словачкиот премиер Роберт Фико излезе на прес-конференција со банкноти во вредност од еден милион евра, што неговата влада ги вети за секоја корисна информација што би довела до откривањето на убијците на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и на неговата девојка, кои викендов беа пронајдени застрелани во нивниот дом.
Шефот на полицијата Тибор Гашпар потврди дека се испитува можната врска на италијанската мафија со двојното убиство. Куцијак беше новинар на сајтот Актуалити.ск и наводно работел на приказната за можната вмешаност на италијанската мафија во измама, поврзана со субвенциите на Европската Унија во Словачка.
„Ја разгледуваме оваа верзија и ќе ги испитаме сите осомничени лица“, кажа Гашпар.
Канадскиот новинар кој живее во Словачка Том Николсон изјави дека е подготвен да сведочи дека Куцијак пред да биде убиен му признал дека истражувал на таа тема.
„Не знам што е причината за смртта на Јан, но се обложувам во мојот живот дека е тоа“, кажа Николсон.
И полицијата соопшти дека убиството на Куцијак е, најверојатно, поврзано со неговата новинарска работа.